Каратистот Емил Павлов, кој годинава се надева на учество на Олимпијадата во Јапонија, е избран за најдобар спортист на Штип и за 2020 година.
Комисијата за спорт на локалната самоуправа ги соопшти резултатите, а признанијата на најуспешните спортисти во 2020 година ќе им бидат врачени в четврток, на 28 јануари.
Освен спортист на годината, каратистот на КК „Штип“ Емил Павлов е прогласен и за најдобар спортист на Штип во сениорска конкуренција. Во младинска конкуренција, за најдобар спортист е избран Фадил Незифов од борачкиот клуб „Балканец“, клуб кој ги даде и најдобрите спортисти во кадетска и пионерска конкуренција – Стефан Штериев и Андреј Трајчев.
За најдобар тренер е прогласен Сашко Арсовски од КК „Штип“, за најдобар спортски судија – одбојкарскиот Никола Мицевски, за надежен млад спортист Димитар Радев, признанија за училиштен спорт добија ОУ „Ванчо Прке“ и СОУ „Коле Нехтенин“ и наставниците Ангелчо Рунчев и Методи Самарџиски, за посебен придонес во спортот Маја Ашкилова, за спортски работници – Мијалче Маџаров и Марија Гогова, за спортски новинар – Зоран Ристевски, а за спортски клб на годината е прогласен карате-клубот „Штип“.