По 17 години штипското комунално претпријатие „Исар“ го обновува својот возен парк со камиони за собирање отпад. Новите возила ќе придонесат за почиста и поздрава околина во Штип, но и на претпријатието ќе му овозможат заштеда на резервни делови, гориво и масло.
Шесте возила со различен волумен се обезбедени преку проектот за изградба на регионална депонија, финансиран од ЕУ фондови. Градоначалникот на Штип, Сашко Николов вели дека возилата чинат околу 530 илјади евра.
– Во соработка со ИПА 2 програмата обезбедивме шест нови возила со различен капацитет. Две од возилата се со четири м3, едно со 10 м3, едно возило со 16 м3 и едно со 22 м3. Дополнително има и возило со платформа и кран за подигање на контејнери за смет, вели Николов.
Директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев вели дека со новите возила ќе се анулира аерозагадувањето од старите камиони, но и бучавата. Бидејќи возилата ќе придонесат во заштеда на резервни делови, гориво и масло, заштедените средства ќе бидат инвестирани за набавка на специјално возило за одзатнување канализација, цистерна и лесни товарни возила.
– Од една страна ќе се намалат трошоците, а од друга ќе бидеме поефикасни во извршувањето на секојдневните задачи, како во однос на комуналната хигиена така и во однос на други сектори, потенцира Тасев.
Градоначалникот Николов е категоричен дека чистата и здрава средина е приоритет за градот, а во текот на наредниот период значајна ќе биде и селекцијата на отпад.
– Обезбедивме 30 контејнери за селекција на стаклен отпад, 30 контејнери распределени на различни локации во општината за собирање пластичен отпад и во соработка со ЗЕЛС обезбедивме дополнителни 30 нови контејнери кои во наредниот период ќе бидат поставени според потребите на ЈП „Исар“, додаде Николов.