Пет пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Штип ќе заминат во Турција за да помогнат во санирање на штетите, но и да им пружат помош на тамошните жители по двата разорни земјотреси кои вчера ја погодија земјата.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов денеска изјави дека пожарникарите ќе заминат со вториот конвој, за што тој е во постојана комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнително најави дека ќе иницира и седница на Советот, со цел да се издвојат средства од буџетот кои ќе може да се донираат за погодените подрачја.

– Целта е да дадеме поддршка во име на хуманоста и солидарноста, на најпогодените подрачја и населени места во Турција. Да помогнеме на настраданите и при извлекувањето луѓе кои се под урнатините во подрачјата каде се случи катастрофалниот земјотрес, изјави Јорданов изразувајќи сочуство до настраданите и желба за побрзо враќање на животот во нормала во овие подрачја.