Прифатилиште за бездомни животни чии услови ќе ги задоволат потребите од хуман третман и нега на бездомните кучиња е нешто за што во земјава се зборува долги години и за кое речиси и да немаше надеж, иако претходно „функционираше” стационар, за кој и здруженијата, а воедно и граѓаните имаа критики и реагираа за нехуман третман.
По долго најавување, конечно во октомври Скопје доби нов стационар. Поточно станува збор за Јавното претпријатие „Лајка”, за кое надлежните уверуваа дека ќе работи по светски стандарди, со нов концепт и програма, во секој поглед поразличен од некогашното Вардариште.
По само два месеца од отворањето на Јавното претпријатие „Лајка”, екипа на МИА реши да го посети прифатилиштето и да види на кој начин се работи таму со бездомните кучиња.
Само што пристигнавме, пред капијата на прифатилиштето, расположено не пречекаа пет кутриња, едното од нив го носи името Лајка. Кога влеговме, неколку вработени веднаш не услужија, а потоа заедно се упативме кон „дог паркот” каде со дел од тимот поразговаравме за начинот на кој се третираат тамошните кучиња.
Таму со Златко Тасевски, кој во „Лајка” работи како ветеринарен техничар и дресер поразговаравме околу неговиот дел на работа во прифатилиштето. Тасевски, кој е дресер со 14-годишно искуство, ни посочи дека сите вработени се љубители на животни.
– Се трудиме околу нив да добијат социјализација и да пронајдат свој нов дом, да не бидат на улица. Конкретно кај нив ја смируваме агресијата или тоа што уличните кучиња се доста плашливи, пробуваме да ги социјализираме со луѓе, со други кучиња, со надворешните влијанија да се подобри колку што може повеќе, кучето да биде посталожено, посмирено, и да почне едноставно да му верува на човекот, вели Тасевски.
Постапката на ресоцијализација оди вака: пристигнува пријава, се врши третман со стерилизација или кастрација, а отпосле со кучето се работи околу 30 дена. Прво кучето се учи да оди на поводник, потоа да доаѓа слободно и да може да се погали. Едноставно, како што посочува Тасевски, да почне да ви верува и да почне да комуницира со вас.
– Секој ден се одвојува по еден час за секое куче што е во тој дел и се посветуваме тука во „дог паркот”. Еден дел од работата ни е да играме со кучето, му се прават нагли движења, се пофалува, цело време се зборува со него. Тоа едноставно се објаснува со тоа што пробувам кучето да почне да ми верува, а воедно и јас да почнам да му верувам за да имаме подобра комуникација. Штом ја постигнеме таа комуникација, тоа ќе биде повесело, ќе почне да трча, ќе биде расположено, вели Тасевски.
Досега, како што не информира, веќе имаат ресоцијализирано околу четири кучиња.
Разговаравме и со негувателот Антонио, кој ни посочи дека секојдневно ја одржуваат хигиената на кучињата.
– Секојдневно се грижиме за нивната хигиена на највисоко ниво да се одржи, хранење, шетање, социјализирање на тие кучиња за кои е потребно тоа да се направи, стекнување на хигиенски навики и ред други работи што се во однос на нив, вели Антонио.
По разговорот во „дог паркот” негувателите внесоа неколку кучиња, а Тасевски ни покажа како ги дресира. Потоа се упативме кон ветеринарната амбуланта во составот на „Лајка” каде Тасевски ни ја покажа Луција – куче со шуга и демодекс. Во „Лајка”, како што ни посочија, кучето секојдневно добива третман, па се договоривме за еден месец, откако кучето ќе оздрави, да ни испратат фотографија.
Тимот во „Лајка” кој заловува кучиња, во моментот додека екипата на МИА беше таму, не го затекнавме, па за начинот на заловување, како и генерално за функционирањето на прифатилиштето поразговаравме со директорката на стационарот Тина Петрушевска.
Директорката тврди дека заловувањето се извршува со хумани методи, односно сите заловувачи се специјално обучени и имаат сертификати за заловување од Факултетот за ветеринарна медицина, односно од Центарот за благосостојба.
– Ние сме позитивно изненадени колку едноставно со еден кекс или храна ќе дојдат и многу лесно може да им се стави поводник. Не викам дека нема случаи каде што мора да се интервенира поинаку, меѓутоа тоа не значи мрежи и сајли и влечења како во минатото. Прво јас тука нема да застанам позади тоа, доколку такво нешто ми се наложи или доколку мора. НЕ! категорична е Петрушевска.
За оние кучиња кои се плашливи, тимот набавил направа која се нарекува „дувалка” и на хуман начин со анестетик и со присуство на ветеринар кој ја одредува дозата во зависност од големината на кучето, се успива за многу кратко време, го креваат во раце, го ставаат во транспортер и безбедно го носат во стационарот.
Петрушевска посочува оти е пријатно изненадена како после процесот, односно целиот третман од тука, истите тие кучиња многу мирно одат на поводник. Едно од кучињата што било пријавено, како што рече, е веќе вдомено и живее во прекрасен дом со мали деца. Затоа, според неа, многу е важен пристапот, третманот и односот. Директорката посочи дека се заловува и преку ден, но генерално инсистираат тоа да биде навечер, кога за сите се е помирно и полесно може да оди процесот.
Ја прашавме да ни направи некаква споредба со претходниот стационар Вардариште. Меѓутоа, таква споредба, според директорката е невозможна.
– Има повеќе разлики. Една од тие е што првпат имаат регистрирано ветеринарна служба на одгледувалиште. Тоа подразбира дека сите активности, односно медицинскиот третман животните ќе го добиваат тука, во оваа амбуланта, вели Петрушевска.
Оваа амбуланта, како што посочи Петрушевска, е под директна контрола на Градот. Нема јавна набавка, вели таа, па да ја добие истата само една одредена амбуланта, туку тоа го прават луѓе што се тука вработени.
– Сами си ги правиме набавките, многу е полесно за контрола и многу е подобро затоа што 24 часа во денот имаме достапно ветеринар. Освен нивното работно време овие вработени тука се и достапни за што било во служба на сите граѓани и бездомните животни. Што се однесува до концептот на работа првично не сакавме да лутаме и направивме во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина и Агенцијата за храна и ветеринарство проценка на популацијата на бездомните кучиња, затоа што во јавноста кружеа шекулациии дека има 10 илјади, 13 илјади и тоа е навистина голема бројка. Доколку навистина беше така, ние ќе требаше да имаме многу поголем буџет и поголем капацитет и број на вработени, подвлече Петрушевска.
Според проценката, на улиците во Скопје има околу две илјади кучиња. Оваа бројка, според директорката, може за година до две да се истретира.
Новина е и тоа што во „Лајка” има поделба на два објекти. Има карантински оддел, каде се сместуваат животните веднаш по заловување. Има 30 боксови, и дополнителни пет боксови за агресивни кучиња.
Во секој бокс има лежалка, која, според Петрушевска, е направена по одредени стандарди , а животните не се на земја како во минатото. Боксовите се со подно греење, а како што појасни таа, ова многу им помага во процесот на чистење и полесно се сушат кога се дезифицираат.
Потоа, откако животното ќе помине ден или два во карантинот, оди во амбулантата каде му се прават сите потребни тестови.
Директорката уверува дека стационарот работи според еден врзан систем и рамка од кои многу тешко може некој да ескивира.
Откако ќе ги добијат резултатите за кучето, односно откако ќе стигнат резултатите од тестот за лишманија по акредитирана метода, откако ќе се утврди дека 4Д тестот е нагативен и крвната слика е добра, животното подглегнува на хуман третман во зависност од полот – стерилизација или кастрација, веднаш по таа интервенција се сместува во другиот оддел – постоператива каде влегуваат точно одредени личности.
Овој оддел, според директорката, е буквално како во болница.
– Тој дел ни е најчист, редовно се чисти и дезинфицира и животните таму престојуваат пет до седум дена во зависност од нивната состојба како закрепнуваат, додава Петрушевска.
Веднаш потоа кучињата се префрлаат во друг објект, поточно во одделот за вдомување.
– Таму имаме 50 боксови и веќе тука почнува процедурата на нивно навикнување, да јадат во точно одредно време, да се шетаат во одредено време, минимум два пати ги шетаме и да се поготвуваат за својот следен дом. Еднаш откако се префрлаат во одделот за вдомување имаме тим кој го работи на вдомувањето одлично и искрено сум задоволна од како се тоа стартуваше. Реално ние сме на почеток, нема ни два месеца како сме почнати, вели Петрушевска.
Потоа кучиуњата се фотографираат, се забележуваат во нивното досие нивните карактеристики, редовно се работи со нив во „дог паркот”.
– Доколку некое куче е поспецифично или пројавува некаква агресија си работи дресерот со нив, така што се води буквално евиденција за секој нивен напредок, во која насока се движи односно да знаеме на луѓето кои се заинтересирани за вдомување каков миленик да им понудиме, децидна е Петрушевска.
Освен одделот, и директорката одвојува време да се сретне со вдомувачите, да поразговараат, да им пренесе дел од нејзиното искуство и да види што е она што нив би ги исполнило најмногу, и што би било најдобро и за самото куче. Откако кучињата ќе поминат 30 дена во делот за вдомување, тимот на Лајка е должен да ги врати на истата локација. Сепак, целта е на секое куче да му се најде дом.
Во моментов во „Лајка” се работи со околу 130 кучиња, од кои неколку веќе се во процес на вдомување, меѓутоа дел од нив за жал ќе мора да бидат вратени на локација.
– Имаме одлична соработка и сакам да ги поздрваам оние граѓани кои сами се јавуваат, дури некои сами ни носат, си закажуваат маалски миленици за стерилизација, па за истите се јавуваат подоцна доколку на пример не сакаат да ги објавиме за вдомување, доколку се згрижени во нивните маала и се јавуваат да има ги вратиме, така што имаме одлична соработка и со граѓаните. Навистина ми е драго поради тоа и што гледам дека довербата е на едно убаво ниво, навистина се разви една соработка која искрено на стартот не очекував дека ќе биде ваква, посочи Петрушевска.
Стационарот е нов, но засега може да се каже дека работи професионално и сосема иновативно. Скопјани се заинтересирани за вдомување на кучиња. Петрушевска информира дека дневно добиваат над 20 апликации за вдомување.
Во „Лајка”, како што посочи таа, доаѓаат прекрасни семејства, но на сите им порачува дека животните не се играчки. Тие не се само заради децата. Секој вдомувач задолжително мора да го посети кучето кое го одбрало минимум два пати. Потоа следуваат процедурите и договорот за вдомување. Тие исто така се согласуваат и на тоа да бидат посетени од страна на службите на „Лајка”, за да пополнат чек листи и да видат во каква состојба е животното, дали го чуваат добро. Доколку нешто не е во ред, тимот на „Лајка” си го зема кучето назад.
До крајот на годината што измина од „Лајка” се вдомени 15 кучиња, и тоа според директорката, од навистина убави семејства со кои постојано се во контакт. Семејствата кои немаат искуство со чување на куче бараат и совети. Во процедура за вдомување се уште четири кучиња.
Пред новогодишните веселби и празници, „Лајка” ја спроведе кампањата „СТОП за петардите, вдоми куче и прослави ги празниците на поинаков начин”.
Инспирација за оваа кампања е фактот што секоја година, поради петардите фатално завршуваат многу животи.
Петардите, како што посочува директорката, освен што предизвикуваат страв кај луѓето, предизвикуваат и кај животните и многу од нив го губат својот живот. Таа испрати апел до граѓаните дека навистина нема потреба од прославување на таков начин.
– Освен што е нелегално, е штетно за сите, така што можеби поубаво е таа енергија и ентузијазам да го насочат кон нешто друго, да си вдомат животно или кон сосема друга позитивна работа, посочува Петрушевска.
Разговорот со директорката го завршивме со една нејзина порака до сите семејства кои имаат желба да вдомат од „Лајка”. Таа вели дека да се има можност да се помага е благослов.
– Да имате можност да помагате е благослов, кога веќе во градот имате специјално оформено претпријатие кое се грижи за благосостојбата со животните, некој препознал дека градот има проблем со бездомните кучиња, односно со неодговорните сопственици, бидејќи нели тие се главниот виновник зошто имаме толку кучиња на улица. Кога веќе имате јавно претпријатие кое функционира од Буџет од истите тие средства се пробува да се реши проблемот со бездомните кучиња. Кога добивате здрав миленик кој понатаму нема да се размножува, вакциниран, микрочипиран, евидентиран во систем, го добивате со пасош, со стекнати хигиенски навики, некој работел со него, не гледам причина зошто не би вдомиле, заклучи Петрушевска.
Сепак, и пред да се отвори стационарот, директорката на претпријатието и здруженијата за заштита на животни не се на иста страна. Кога се водеа јавни дебати во Град Скопје, здруженијата најмногу ја критикуваа програмата на претпријатието за која посочуваа дека наместо хуман пристап, во преден план го има финансискиот интерес на градот.
Наталија Трпковска, претседател на Здружението за заштита на животни и животна средина „Шепасти Ентузијасти” Скопје, за МИА вели дека генерално за време на своето кратко постоење, „Лајка”, како новоформирано самостојно јавно претпријатие не покажа дека е на висина на задачата.
– Најпрво за време на донесувањето на програмата ние како Здружение бевме про форма повикани да дадеме мислење, за програма која наместо хуман пристап, во преден план го има финансискиот интерес на градот. Еутаназија е најчесто употребуван збор во истата таа програма, каде овој третман се предвидува и за болести кои успешно се терапираат. Дури не е оставена ниту опцијата ние како Здружение да се нафатиме за понатамошно третирање и помагање на таквите единки, потенцира Трпковска.
Најважно, да не заборавиме, вели таа, е дека Градот една година беше без никаква јавна служба за третирање на проблемот со бездомните животни.
– 21. век, современ град со огромен проблем, но без постоечка јавна установа. Од официјалното започнување (октомври 2020 година) со работа на „Лајка” до овој момент, единствено што можеме да видиме е добар ПР, посочува Трпковска.
Сепак, како што вели, за нивните резултати би оставиле времето да даде одговор, наместо тие да се стават во улога на судија.
– Но, ако се водиме од принципот на работење што го воспоставија за овие неколку месеци, принцип на затворени врати во стационарот за сите (активисти), тогаш мислам дека постои голема шанса одговор на претходното прашање и да не добиеме, односно, да добиеме само слатко парче од успешниот ПР, нагласува Трпковска.
Новинари:Марија Спасовска
Бисера Трајковска
Фотографија: Фросина Насковиќ
Линк од информацијата: МИА