Во организација на Здружението за локална демократија – Центар на заедницата на општина Струмица, денес во салата на Советот на општина Струмица, се одржа симулација на седница на Советот на општина Струмица, во која учество зедоа ученици од втора и трета година од четирите струмички средни училишта.
На овој настан свои поздравни обраќања имаа доскорешниот в.д. градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов и доскорешниот претседател на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
Обраќајќи им се на учениците – учесници во симулацијата, Костадинов меѓу другото истакна:
„…ја имав честа и задоволството да бидам и член на Советот на општина Струмица, но во последните месеци и Вршител на должноста – градоначалник на општина Струмица, имајќи ја среќата да го заменам најуспешниот градоначалник во историјата на Струмица, Зоран Заев. Ме радува што и Вие денес, ќе ја имате можноста, преку оваа симулација, да го почувствувате значењето на овие функции, но и да се запознаете со начинот на функционирање на една седница на Советот“.
Јосиф Христов пак, во своето поздравно обраќање истакна: „…Со тоа ќе придонесете за потполно остварување на целите на симулацијата, а тоа се: запознавање со функциите, улогите и работата на градоначалникот, претседателот на Советот и на советниците, и процесот на донесување одлуки на локално ниво, како и со облиците со кои граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето, за прашања, потреби и проекти кои се од витално значење за зголемување на квалитетот на нивното живеење и развојот на општината“
.Инаку, оваа успешно спроведена активност е дел од проект на Центарот на заедницата на општина Струмица, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.