Јубилејното 35. издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“ ќе се одржи на 18 и на 19 септември, првпат на отворено, на штипскиот плоштад „Слобода“. Причина за тоа е коронавирусот, иако за излегување на фестивалот на отворено имаше поборници уште одамна, кои сметаа дека така фестивалот може да биде поатрактивен.
„Во услови на светска пандемија, предизик е успешно да се организира „Макфест“, а истовремено да се задржи и фестивалскиот гламур. Направени се опредеени промени, а во текот на фестивалот ќе се почитуваат сите протоколи и мерки за заштита од вирусот“, рече на денешната прес-конференција Јане Миланов, заменик-градоначалник на Општина Штип, која е организатор на „Макфест“.
Првата фестивалска вечер на 18 септември е ревијална и на неа ќе настапат осуммина интерпретатори кои оставиле белег во изминатите 35 години на „Макфест“, а ќе пеат свои композиции што ги пеале на фестивалот, но и други хитови од изминатите години на „Макфест“. На втората, натпреварувачката вечер, ќе бидат исполнети 24 композиции. Наградите остануваат исти како лани – 5.000, 3.000 и 1.000 евра за првопласираната, второпласираната и за третопласираата композиција, а по 500 евра се предвидени за најдобар сценски настап, најдобар дебитант и за најдобар аранжман.
„Натпреварувачката вечер ќе оди плејбек, за да се избегне секаков ризик зашто би требале 24, па и повеќе микрофони за сите пејачи. Додека ревијалната вечер ќе биде во живо, а осумтемина интерпретатори ќе ги придружува Баги биг-бендот под диригенство на Љупчо Мирковски“, вели Кирил Панајотов од организацискиот одбор.
На плоштадот на двете фестивалски вечери ќе има максимално по 400 столови за гости и пубклика, минимум оддалечни по 1,5 метар еден од друг. И во случај на дожд, фестивалотската програма на плоштадот ќе се одржи, информираат организаторите. Двете фестивалски вечери ќе бидат пренесувани од МРТ.