МЗШВ неодамна го објави јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло”, „Географска ознака” и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”.
Со цел да се поттикнат нашите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи, во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година, МЗШВ одвоило средства во висина од 1.500.000 денари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска од Дојран ги повика сите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи .
– Југоисточниот дел на нашата држава, изобилува со самоникнати диви смокви, посебно на подрачјето на општините Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Од дивите смокви, во овој крај традиционално се произведува познатото слатко од диви смокви. Сепак, слаткото од диви смокви се произведува само за домашна употреба. За да може овој вкусен традиционален производ да се пушти во слободна продажба на пазарите и да прерасне во бренд специфичен за овие простори, потребно е да се заштити со Ознака за гарантиран традиционален специјалитет, наведуваат од Министерството.
МЗШВ оваа година ќе отпочне со заштита на неколку производи и секоја наредна година ќе продолжи да одвојува средства за заштита на уште многу други земјоделски производи и домашни традиционални специјалитети, онака како што тоа се прави во останатите европски држави, изјави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов
„ На тој начин, со нашето пристапување во Европската Унија нашите заштитени производи ќе можеме да ги промовираме на европскиот пазар со заштитени ознаки,“ изјави Ангов.