Шести април, денот кога во 1941 година Штип при нападот врз тогашна Југославија бил бомбардиран од фашистичката авијација, годинава, поради коронавирусот и вонредната состојба, првпат беше одбележан без вообичаената масовност, а на чествувањето за загинатите пред спомен-плочата поставена на зградата на Народниот театар, беа само градноначалникот и двајца членови на раководството на штипската Боречка организација.
– Пред 79 години градот бил нападнат од фашистичкиот окупатор, од германските борбени авиони коишто го уништиле градот и имало многу човечки жртви. Изразуваме почит кон оние кои ги дале своите животи во минатото, со една единствена цел – да имаме слободна, независна и суверена држава, тоа што денес и го имаме – рече градоначалникот Благој Бочварски.
Бомбардирањето на Штип почнало утрото на 6 април. Авионите првин смртонсниот товар го истуриле на кејот на реката Отиња и врз тогашната Соколана во која бие стационирани две единици на тогашната Брегалничка дивизија на војската на кралска Југославија. Од бомбите и митралирањето загинале околу 150 војници и офицери, а многумина биле ранети. Отиња била црвена од крв.
Во вториот налет половина час подоцна, авионите ги бомбардирале Исарот, Горно Маало, Тузлија, Грнчарското Маало, а била погодена и тогашната штипска болница. Загинале 54 граѓани, 22 биле ранети, а десетмина се водат за исчезнати.
Штипјани секој 6 април им оддаваат почит и на загинатите во авиобомбардирањето на 6 април 1941 година – пред спомен-релјефот на зградата на Театарот и пред заедничката гробница на Градските гробишта во Штип.