Работилница „Каква Македонија сакам?“
Денеска во Дом на млади со почеток во 14:00 часот ќе се одржи двочасовна работилница „Каква Македонија сакам?“ во рамките на проектот Акција – Интеграција. Акција – Интеграција е проект за поддршка на демократските реформи, граѓанското учество, зелените иницијативи и европските вредности во Република Македонија. На работилницата ќе биде презентиран проектот на ЦИВИЛ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.

Обука организирана од ДИК за ИЕ 3
Денеска во голема сала на Општина Штип со почеток во 11:00 часот ќе се одржи обука организирана од ДИК за претседателите и замениците-претседатели на Општинските изборни комисии од Изборна единица 3.

Активности по повод денот на пожарникарството
Денеска дечињата од ОЈДОГ „Вера Циривири Трена“ и ОЈДОГ „Кокичиња“ ќе ја посетат Територијалната противпожарна единица во Штип по повод денот на пожарникарството. Пред дечињата ќе биде претставена професионалната противпожарна единица со нејзината целокупна опрема.

Централна прослава по повод Ден на Европа
Во сабота, на 12 мај, во нашиот град ќе се одржи централната прослава на Денот на Европа. Општина Штип изминатиов период целосно се фокусираше на реализирање на активностите околу организацијата на овој настан.

Прославата ќе започне во 12:00 часот со официјално отворање на ЕУ Паркот, којшто ќе биде лоциран на градскиот плоштад „Слобода“. На церемонијата на сечење лента ќе присуствуваат градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, како и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и Шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар.

Во текот на целиот ден на плоштадот „Слобода“ и во неговата околина ќе има бројни музички и уметнички изведби и настапи, ќе бидат поставени штандови на земјите-членки на ЕУ, ќе се одржуваат работилници, тренинзи и спортски натпревари за деца.

Прославата ќе кулминира со концерт „Ѕвездите за ЕУ“, којшто ќе се одржи во ЕУ Паркот на плоштад „Слобода“, а ќе започне во 17:30 ч. На концертот ќе настапат музичарите Зоран Илиев, Brass Brothers и Тамара Тодевска.

Сите граѓани на Општина Штип и пошироко се поканети да присуствуваат на целодневната централна прослава.

Делегација од Општина Стражица во посета на Општина Штип
Денеска, 10.05.2018 г., во посета на Општина Штип е делегација на Општина Стражица од Република Бугарија. Посетата е во насока на продолжување на соработката помеѓу двете Општини. Претставник од делегацијата од Општина Стражица и раководителката на секторите ЛЕР, образование и јавни дејности при Општина Штип, Билјана Казанџиска, ќе дадат заедничка изјава за медиуми во ОМЦ „Киро Глигоров“ со почеток во 11:00 ч.

 

Дневни активности на јавни претпријатија

Денеска ЈП „Стипион 2011“ ќе работи на:
– Реконструкција на мал плоштад (Пензионерски дом)
– Реконструкција на тротоар на Бул. „ЈНА“ и поставување атмосферска канализација
– Крпење ударни дупки

Работната единица Водовод и канализација при ЈП „Исар“ ќе работи на санирање дефекти на водоводна линија на улиците „Киро Хаџи Арсов“ и „Борис Крајгер“, а ќе продолжи и изведбата на нова водоводна линија за водоснабдување на населбите Балканска, Македонка и Чардаклија.

РЕ Паркови и зеленило ќе ги коси зелените површини во населба Караорман, околу бања Кежовица, во населба Три Чешми, покрај улиците „Широк Дол“, „Сремски Фронт, „Борис Крајгер“ и „Џемал Биједиќ“, а ќе сади цветен насад во централното градско подрачје.