На дебата со младите каменичани евроамбасадорот Самуел Жбогар излезе со порака – треба почесто да слушаме што младите велат, бидејќи имаат многу да кажат.
Улогата на Европската унија, пристапувањето на Македонија кон европското семејество, европските вредности, до прашања за студирањето и добивањето на европски дипломи доминираа кај љубопитните средношколци на средбата со евроамбасадорот Самуел Жбогар. По оваа дебата, амбасадорот излезе со оценка дека ова е една од најдобрите кои ги имал во последно време со младите од македонските градови.
-Имате прекрасни деца. Од разговорите со нив, сум убеден дека децата знаат многу, дури сум убеден дека имаат и решение за многу проблеми и дури провоцираат за одредени решенија. Како што рече градоначалничката треба почесто да слушаме што младите велат. Вашите ученици не’ поттикнаа да размислиме како да го претставиме нивниот глас во општеството, рече Жбогар.
Македонска Каменица е општина каде има повеќе проекти, реализирани со пари на Европската Унија. Општината, како што рече градоначалничката Соња Стаменова, особено е активна преку програмата за прекугранична соработка со Бугарија.
-Се реконструираше дел од манастирско – туристичкиот комплекс Еленец. Потоа една најсвежа инвестиција е добивањето на кино опремата, што е едно од ретките дигитални кина, кои што се инсталирани во нашата држава, што е реализирано во соработка со општина Белица од Бугарија. Потоа, имаме проектна документација за Домот на кулрура, што е целосно реконструиран и Народната кујна, која што е изградена со европски пари, рече Стаменкова.
Центарот Еленец, беше едно од местата каде помина евроамбасадорот Жбогар. Општините, како што тој најави ќе бидат една од целите за финансирање за следната, 2020 година, преку фонд од пет милиони евра, намемет за засилување на капацитетите на општините за апсорпција на европските фондови.