Продолжува изградбата на локалните пристапни патишта во повеќето селски средини во општина Македонска Каменица.
По завршувањето на првите 1000 метри асфалтен пат во селата Луковица и Тодоровци од вкупно предвидените 2730 метри, денес започнавме со изградба на нов локален пристапен пат во село Цера, со должина од 340 метри.
Истовремено, во централното градско подрачје на Македонска Каменица интензивно се работи на подготовките за продолжување на улица “8-ми Септември”, како и уредување на јавниот и паркинг просторот долж улицата.
По завршувањето на градежните работи во село Цера, во зависност од временските услови, ќе продолжи изградбата на уште неколку асфалтни патишта во останатите селски средини.
Склучениот Договор предвидува изградба на асфалтни патишта со вкупна површина од 8236 квадратни метри асфалт, за кои приближно се издвоени 12,9 милиони денари.
Ова покажува дека еден од врвните приоритети на локалната самоуправа е поврзувањето на што поголем број жители на руралните средини со асфалтни патишта, со што значително ќе се подобрат условите за живот и во тој дел од Општината.