Се уредува паркинг за тешките товарни возила во Македонска Каменица, тече рокот за отстранување на хаварисаните

Место каде ќе може да се паркираат тешките товарни возила и простор каде ќе може да се оставаат од страна на сопствениците, започна да уредува Општината Македонска Каменица. Дополнително, на овој паркинг простор ќе се дислоцираат и хаварисаните возила, што ги има насекаде низ градот и населените места.

Како што соопшти Општината, паралелено се работи и на уредување на паркинг простор за автомобили низ повеќе делови од градот.

-Започнавме да го решаваме проблемот со паркинг простор во Македонска Каменица. Се прошируваат постоечките и се градат нови паркинзи на повеќе локации во централното градско подрачје. Сите граѓани кои имаат хаварисани возила кои подолг временски период зафаќаат паркинг места, потребно е истите да си ги дислоцираат, повика градоначалникот Димчо Атанасовски.

Од Општината Македонска Каменица одредија и рок – по првомајските празници, општината заедно со ЈП Камена Река ќе ги дислоцира оставените хаварисани возила на трошок на сопствениците, а ќе бидат покренати и соодветни постапки.