По завршените технички подготовки утре во општина Карбинци и официјално ќе биде означен почетокот на проектот кој што ќе значи голем придонес во туристичкиот развој во оваа мала рурална општина.
„Со овој Проект се поддржуваат клучни инвестиции коишто придонесуваат одредени дестинации да станат попривлечни за туристите нудејќи поатрактивни туристички производи и овозможувајќи меѓусебно поврзување на локалното стопанство со што се добива поголема економска корист. Целта на нашиот проект е да го зајакне придонесот на туризмот во локалниот економски развој и да ги подобри капацитетите на владините и на јавните институции со цел поттикнување на растот на туризмот и овозможување на управување со дестинации“, вели градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев.
Општина Карбинци за овој проект аплицираше со ДПС Лисец.Тие заеднички ќе го развиваат планинскиот туризам на планината Плачковица.
Општина Карбинци и ПД „Лисец“ аплицираат за средства во висина од 380 000 евра преку програмата за развој на руралниот туризам на Светска банка. Скоро половина од средствата ќе бидат наменети за изградба на асфалтен пристапен пат до планинарскиот дом „Вртешка“, сместен во пазувите на планината Плачковица на надморска височина од 1100 метри. Дополнителни 50 000 евра се потребни за реконструкција и надградба на планинарскиот дом.
– Со тоа ќе се постигне зголемување на сместувачкиот капацитет, кој сега изнесува 40 легла. Со реконструкцијата и адаптацијата би добиле некаде околу 120 легла, за претстој на исто толку туристи, изјави Јордан Насев
Најголем куриозитет на овие простори, би била изградбата на вештачката карпа за меѓународни натпреварувања во алпинизам. Во проектот за оваа намена се предвидени 66 000 евра.
Ќе се гради и повеќенаменско игралиште, а за целиот овој комплекс да функционира во лете и во зима, ќе се набави ровокопач и товарач за одржување на патната инфраструктура во планинскиот предел. Општината учествува со 20 000 евра сопствени средства за поставување на соодветна сигнализација и билборди за полесно снаоѓање на посетителите.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) е четиригодишна инвестициска активност на Европска Унија, финансирана со средства од ИПА 2 програмата во висина од 18 милиони евра и администрирана од Светска Банка, преку Фондот на доверители за локална и регионална конкурентност во туризмот. Во овој Проект владиниот придонес изнесува 3.176.471 евро.