Изминатата недела градоначалничката на Македонска Каменица Соња Стаменкова одржа средба со угостителите. На состанокот присуствуваа и командирот на ПО – Македонска Каменица и претставник од Државниот пазарен инспекторат.
Покрај разговорите за проблемите и потребите на угостителите, во текот на отворената дискусија беа разгледани одредбите од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во делот на присуството на малолетници во објектите, гласната музика во ноќните часови и почитувањето на Законот за работно време од страна на сопствениците на угостителските објекти.
Сопствениците на угостителските објекти изразија подготвеност да се придржуваат кон овие законски одредби, нагласувајќи дека ваквиот начин на разговарање за состојбите и проблемите е добра форма на соработка, преку која се подобруваат нивните можности за работа, а со неселективниот пристап кон проблемите ќе се подобри состојбата во спроведувањето и почитувањето на овие законски одредби.
Градоначалничката Стаменкова, изрази задоволство од разговорите и постигнатите цели на состанокот, додавајќи дека угостителите треба дополнително на поработат на уредувањето на јавниот простор во и околу угостителските објекти. Со тоа првенствено ќе се добие подобар надворешен изглед на самите објекти, како и дополнително разубавување на централното градско подрачје на Македонска Каменица.