Многу децибели,рок музика, тешка бајкерска опрема и скапи мотоцикли доминираа во првата недела од јуни во широкиот парк во Свети Николе, каде се одржуваше Шестиот бајкерски собир. Околу 50 клубови од регионот, па се’ до Путиновите „Ноќни волци“ содржеше списокот на пристигнати бајкери на самиот влез од кампот. Возниот парк пак, е друга приказна, како што објасни Борче Серафимовски, еден од организаторите од Мото клубот „Свети Николе“.
-Овде може да видиме мотори од 1000 евра до повеќе од 30.000 евра. Тоа различни типови на мотори – патнички, брзински ,кросови…пред мене има БМВ, кое чини повеќе од 25.000 евра, од Бугарија ни дојдоа повеќе од 70 гости, повеќето пракикуваат да возат туринг чопер мотори. Најскапиот мотор е тој што најмогу го сакате. Во овој спорт финансиите не се многу битни, битна е љубовта, кажа Серафимовски.
Во кампот подигнат за двата дена на мото собирот имаше простор за многу дружење, стари и нови пријателства. Скопјанецот Лазар, кој е по потекло од Свети Николе, вели дека како бајкер секаде има пријатели. Дури и неодамна на пат за Загреб, кога му се расипал автомобилот, на помош му пристапиле бајкерите од Белград.
-Бајкерите се една група луѓе што се почитуваат најмногу од сите. Штом се видат на пат, први се да помогнат, да се дружат, да излегуваат, да се шетаат, да се гледаат на вакви собири. Не е само овој во Свети Николе. Во Македонија има имногу клубови и многу собири, кажа Лазар.
Над 3000 бајкери се најдоа на светиниколската Моторијада, која е само уште една прилика да се дружат љубителите на брзините. Во една од српско-македонска група на бајкери прашавме што се треба да поседува еден бајкер за да влезе во друштвото.
-Има многу манекени. Не е само да се облечеш и да се нашминкаш. Треба да живееш за тоа, последната пара да ти оди за тоа, се’ да биде добро, да се испочитува другарот, а некои мислат само да се облечат, да купат добар мотор и мислат дека со тоа завршиле се’. Не, не е тоа бајкер. Значи, нема да купам панталони, ама ќе купам масло за моторот“ – бајкер од Србија.
-Ние овде сме секој година. Бев меѓу првите првата година кога се организираше Моторијадата, се дружиме со сите, со бајкерите од Свети Николе, „Мечките“ од Куманово, но мислам дека овој собир е еден од најдобрите и најјак во регионот – бајкер од Србија.
Моторијадата е особено популарен настан за светиниколчани и жителите од регионот. Се чини дека градот живее за мото дефилето, кое го чинат не само учесниците на Моторијадата, паркирани во кампот, туку низ Свети Николе дефилираа мали и големи мотоцикли на домаќините, кои и оваа година не пропуштаа да бидат дел од дефилето. Овој настан е особено вежен и за Општината, која го поддржува и поради фактот дека градот тие два дена е во центарот на вниманието.
-Мене ми е чест што по шести пат еден ваков настан – Интернционален мото собир се организира од Мото клубот „Свети Николе„. Морам прво да им се заблагодарам на нивниот ангажман, зад целата оваа организација стојат тие, меѓутоа и локалната самоуправа и ЈП „Комуналец“, што се’ заедно прави настанот да помине во најдобар ред“, изјави градоначалникот Велковски.
Организаторите проценуваат дека околу 20.000 луѓе го посетуваат настанот, дел за дружење, дел за мото дефилето, но и за добрата рок музика. Главна ѕвезда на годинешнава Моторијада беше српската рок група „Кербер“, која по 20 години пауза, повторно се враќа со настапите во Македонија. Пејачот Горан Шепа Гале вели дека тоа што ги нема на настапите во Македонија е работа на менаџерите, но групата во Србија и регионот е особено активна и подготвува нов материјал.
-Не е до нас. Приказната е менаџерска. Имаме некоја носталгија, особено за Штип. Пред 30-тина години имавме концерт во Штип, немаше клавијатури, добивме пијано и тоа се претвори во концерт што го паметат момците кои сега свират. И постојано го прашуваме менаџерот зошто не свириме во Штип? Постојано не’ влечкаат ваму – таму, но никако во рокерските градови. Кербер не спиеше ниеден момент, работиме максимално. Едноставно, не сме во години кога телевизијата ни е се’ и свја, не’ следат по социјалните мрежа, концертите ни се полни, многу свириме, рече Шепа Гале.
Со Кербер заврши уште една Моторијада, на една од светиниколските висини, каде се славеше бајкерството, кое е многу повеќе од силни децибели, прашина и брзина.