Сонцето и непрегледните колоритни овчеполски пејсажи се првата слика на која наишле  петнаесетте уметници од земјата и регионот, кои творат на овогодинешната возобновена Ѓуришка ликовна колонија. Отворањето на колонијата истовремено беше и потсетување низ ретроспективна изложба на вредните дела што настанале во изминатите дваесет години колку што постои  колонијата. Даце Петров, сега пензионер, кој ја основал колонијата како раководител на секторот за ликовна дејност во Домот на култура „Крсте Мисирков“ од Свети Николе, на отворање даде аманет до градските власти и сите вљубеници во уметноста.

-Погледнете ги овие капитални дела. Треба да се најдат, да се гледаат. Тоа е документ на една општина за долго време, затоа што се слика поднебјето на општина Свети Николе. Да не се прекинува оваа традиција, туку да се збогатува, да се проширува. Во тоа да помогнат сите, а можат сите по малку да дадат придонес, кажа Петров на отворањето.

Градоначалникот Сашо Велковски, кој е особено горд што колонијата ја возобновуваат по три години пауза, рече дека ќе стори се’ ликовните дела да излезат од депото на институцијата.

-Оваа ретроспектива покажува дека Свети Николе имало и ќе има уметници што ќе творат за нашиот град и за нашиот амбиент. А, јас ветувам дека овие дела нема да останат само во депото на Домот на културата, туку ќе бидат репрезенти на културното доживување и Свети Николе ќе го издигнат како град каде ликовната уметност е на завидно ниво, не само во регионт туку и пошироко, рече градоначалникот Велковски.

Уметниците од Србија, Бугарија и Македонија, учесници на колонијата на првиот ден поминале повеќе локации во Овчеполието. Без оглед што доаѓаат од различни земји, сите имаат иста оцена за прекрасните пејсажи на кои наишле.

-Прво топло е, второ, има многу убави пејсажи, ќе треба да бараме убаво време за да ги доловиме –наутро или навечер. Но, сум воодушевен од природата. На Балканот имаме прекрасна природа,изјави Бугаринот Бисер Ќирилов.

-Пејсажот ми е многу интересен, меѓутоа, што се однесува до колоритот, без оглед на топлината, не верувам дека ќе биде тоа претерано топол колорит, бидејќи јас сепак се држам до некоја своја поетика. Би било просто неискрено, кога би применила бои, кои јас до сега не сум ги користела. Но, никогаш не се знае , кажа Снежана Манасиќ, уметник од Србија.

-Свети Николе и Овчеполскиот крај е доста инспиративен, од неколку причини: Овчеполието има еден, мек, питом колористички богат простор и секогаш инспиративен, но пред се’ за уметниците кои потекнуваат од овие простори. Останатите можеби би рекле дека недостасува колорит, недостасува шума, бидејќи е отворен простор, но, во секој случај, Овчеполието отсекогаш било инспиративно,  е ставот на македонскиот ликовен уметник Кирил Казанџиски.

Ѓуришката ликовната колонија  е поддржана од Општината Свети Николе.