Дел од некогашната овчеполска житница веројатно догодина ова време ќе стане извор на таканаречена „зелена енергија“, со поставување на најголемата фотоволтаична централа во Македонија. Владата во изминатиот понеделник го распиша повикот за заинтересирани инвестори за поставување на фотоволтаци на две локации во Македонија, во вкупна моќност од 35 мегавати, од која најголемата површина е во Општината Свети Николе. Инвеститори ќе може да аплицираат за изградба на две фотонапонски електрани од по 10 мегавати (една во месноста Азамбегово – Свети Николе и една во месноста Манастирец – Македонски Брод), една електрана со инсталирана моќност од 5 мегавати, две електрани од по 2 мегавати и 6 електрани од по еден мегават (лоцирани во Азамбегово). За Свети Николе определени се вкупно десет одделни парцели со различна големина.
Местото што е определено за поставување на фотоволтаици, сега е празен простор обраснат со трева и по некој житница. Лоциран е веднаш до патот што води од железничката станица „Овче Поле“ до градот Свети Николе, ограничен со недоградената печуркара, која требаше да биде една од странските инвестиции од листата на претходната власт. Актуелната локална власт, која уште со преземањето на општината ја определи како „општина на зелената енергија“, нема некоја позначајна обврска со рапишаниот повик. Владата го определи земјиштето кадешто ќе се градат фотонапонските електрани, ги презема административните обврски за пренамена и урбанизација на земјиштето. Како што соопшти вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, Владата во име на сите инвеститори преговараше за цената на приклучок кон дистрибутивниот систем.
-На овој начин процедурите кои би траеле до година и пол ќе се скусат на околу половина година, со што ќе се забрза процесот на изградба, рече Анѓушев на неодманешната прес конференција.
Од Општината Свети Николе се надеваат дека овој повик ќе заврши успешно, бидеќи изминатата година имало повеќе средби со заинтересирани инвеститори.
-Според експертите, Свети Николе е идеално место за поставување на фотоволтаици според бројот на сончеви денови. Владата ни излезе во пресрет и тој простор ќе го урбанизира за добивање на зелена енергија. Се работи за 50 хк земјиште. Свети Николе има доволно површина за да овозможиме такви инвестиции, изјави Сашо Велковски, градоначалник на Општината Свети Николе.
Велковски вели дека за поставување на фотоволтаици Општината определила многу повеќе локации од овие 50 хектари. Минатата година во Свети Николе беа поканети консултанти од Брисел, кои пред заинтересирани домашни и странски инвеститори од областа на обновливите извори на енергија го претставија концептот на јавно приватно пратнерство. Идејата е приказната за зелената енергија да го заживее Овче Поле, кое сега е познато по органското производство на храна.
Изворите на сончева енергија се новиот проект во оваа област за Овче Поле и Свети Николе. На локација од спротивната страна на местото каде ќе биде поставена фотоволтаичната централа, на крајот на годината треба да исправи првата од десетте ветерници во ветерниот парк кај селото Богословец. Инвеститор е приватната компанија „Тор импекс“.
-Активностите на ветропаркот течат. При крај е експропријацијата на земјишето и градење на пристапни патишта. Според информациите од инвеститорот, од ноември – декември се очекува поставувањето на првата ветерница, кажа градоначалникот Велковски.
Девет ветерници се на територија на Свети Николе, една на територија на Општината Штип.
Владата за наскоро го најави распишувањето на вториот јавен повик за поставување на фотоволтаци на приватни површини. Во Општината Свети Николе својот интерес го најавиле повеќе приватни компании, кои имаат свои бизниси, а фотоволтаците би биле во функција на поефтинување на работењето.