На една од висините на Свети Николе по седум години од поставувањето на камен темелник,  денеска се освети храмот на Света Лидија Македонка, чиј дом според преданието, бил првиот европски храм во кој проповедале апостол Павле и евангелистот Лука. Осветувањето го изврши Брегачничкиот митропол Иларион, во сослужение со свештениците на Брегалничката епархија, а во присуство на бројни граѓани од Свети Николе и околината. На свеченоста, митрополитот Иларион му врачи црковен орден на светиниколскиот стопанственик Гоце Ѓорев, кој безрезервно ја помагаше изградбата на храмот, а беа доделени признанија и за повеќе правни и физички лица и институции, кои помогнаа да се изгради храмот.

 

Митрополитот Иларион посебно се заблагодари до градителите од Пустец, Албанија, како и до иконописците од Врање, Србија. Камбанаријата и дворот се дело на светиниколските мајстори.

Новиот светиниколски храм лоциран во паркот до Здравствениот дом, е прв таков посветен на Света Лидија Македонка и еден од ретките посветен на светица.

 

Македонската православна црква ја слави Света Лидија Македонка како првата жена Македонка, која се покрстила, прифаќајќи ја православната вера од Апостолот Павле. Следејќи го нејзиниот пример,Христовата вера ја примиле многу македонци во градот Филипи и околината, каде живеела. Таа е основоположник и на црквата во Тиатар, една од седумте азиски цркви според Јовановото Откровение.