Општина Штип испрати известување по повод пишување графити на јавни површини и уништување на јавно добро на патеката.
Известувањето во продолжение ви го пренесуваме во интегрална верзија:
Општина Штип уште еднаш укажува – Без оглед дали се работи за власт, опозиција, граѓански сектор или индивидуалци, уништувањето на јавните добра е недозволиво. По кој знае кој пат повторуваме дека ѕидовите не се место на кое треба се води политика. Постојат институции во кои се води политика и се дебатира.
Пишувањето на графити со политички содржини на јавни површини, и порано и сега, е недозволиво и некоректно, ако се знае дека претходно локалната самоуправа потроши многу пари и боја да ги обои ѕидовите. Ние повторно ќе ги санираме штетите и се надеваме дека чкртањето по ѕидови ќе престане.
Уште еднаш апелираме, сите да се воздржат од вакви активности и да не дозволуваат да се уништуваат јавните површини. Тие им припаѓаат на сите нас, без оглед на партија, етникум или вера.
По кој знае кој пат реагираме и за уништувањето на клупите и канделабрите на пешачката патека зад Исарот која ја користат сите. За жал, поединци не го делат општиот став и продолжуваат со вандализам на патеката, уништувајќи без причина се она што во јавноста веќе долго време се посочува како позитивно за сите нас.
Повторно се уништени неколку клупи и канделабри а уште рано утринава екипи на ЈП „Исар“ ја санираа штетата.Сепак останува фактот дека продолжува уништувањето, што воопшто не е добра работа. Тоа мора да престане.