Макети од бродови, вулкани, некои чудни машини и што ли уште не, забрзано се носеше низ училниците во ОУ „Свети Кирил и Методи“ во Македонска Каменица. 56-тиот државен натпревар собра 365 натпреварувачи од основните училишта од цела Македонија. Во вкупно 23 дисциплини се натпреваруваа најдобите од 19 натпревари на млади техничари и природници, во организација на Народна техника на Македонија и Сојузот на млади техничари и природници. Претседателот на Народна техника, Зоран Тодоров рече дека младите македонски натпреварувачи се талентирани и многу успешни и надвор од државата.
Последните неколку години, Нардона техника и Сојузот, државниот натпревар го организираат во помалите градови, со цел да ги поттикнат иноваторството и љубовта кон техниката и во овие општини. За Македонка Каменица, според градоначалничката Соња Стаменкова, ова е прва голема организација на ваков државен натпревар.
Бродомоделарство, Фото и Кино техника, Астрономија, Астронаутика, Граджништво и архитектура, Радио техника, Применети науки, се само дел од 23-те дисциплини во кои се натпреваруваа основците. Особено атрактивни се Роботиката, но и Фото и Кино техниката, откако мобилните телефони и јутуберите станаа младешка атракција. Наставничката од Куманово Марина Крстиќ на државниот натпревар во својата екипа немаше јутубери, но имаше млади кинамотографери, кои работеа филм на тема „Пријателство“.
Љубота кон науката и техниката е основата на која базираат натпреварите кои шеста деценија се организираат во нашите основни и средни училишта. Многу иноватори и млади научници произлегоа од овие натпревари, кои преку Макинова и светски натпревари, некои од нив успееја да остварат и меѓународна кариера. Којзнае, можеби еден ден, некој нов, познат научник од Македонија, ќе се сети дека неговата прва награда била од Македонска Каменица, каде овој април се одржа 56-тиот државен натпревар.