Веќе некое време во штипската Клиничка болница надвор од функција е мамографот, а Министерството за здравство на 19 април соопшти дека привремено решение за проблемот ќе биде пациентките да се праќаат во кочанската Општа болница, а потоа со резултатите да се враќаат во Штип кај лекарите:
„Институционално се мобилизиравме и во координација со двете здравствени установи овозможивме оваа услуга како времено решение да биде достапна за пациентките од овој регион. Ова е начин како системот треба да функционира кога ќе се соочи со предизвик“ – вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Но, до овој момент сеуште нема решение за надминување на проблемот, а привременото решение најмногу претставува товар на пациентките, кои мораат да поминат 60 километри за да го комплетираат прегледот.
Директорот на штипската Клиничка болница, д-р Владко Захаријев, вели дека болницата прави се што е во нејзина моќ за што е можно поскоро комплетирање на постапката и набавка на нов мамограф:
„Чекаме процедура за нов, неопходно е одобрување од Фондот. Се трудиме во најскоро време да го решиме проблемот. Постапката се тера, од болницата е направено се што се може. Целта е да се набави нов мамограф, бидејќи овој е стар и дефектот е голем. Решавањето на овој проблем за нас е врвен приоритет, но како што кажав, процедурата ја води Фондот, а ние притискаме што е можно побргу да се добие функционален мамограф“, вели за Канал 77 директорот на болницата, д-р Владко Захаријев.
Кочанскиот мамограф се очекува да снима дополнителни 100 пациентки месечно, кои претходно овие прегледи ги правеле во Штип, за што кочанската болница воведе и втора смена:
„Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга“ – вели директорката на кочанската Општа болница, д-р Катарина Паниќ Мирчовска.
Во меѓувреме за нефункционалниот мамораф реагираше и опозициската СДСМ, од каде велат дека ваквите ад-хок решенија се одраз на неодговорност:
„Наместо брза и достапна здравствена услуга, пациентките се изложени на дополнителен стрес, неизвесност и малтретирање. Граѓаните ќе бидат принудени да патуваат од еден град во друг, односно во еден да се снимаат, во друг да ги добијат резултатите. Ова е класичен пример на неорганизираност, неспособност и целосна негрижа за граѓаните. Наместо функционален здравствен систем, добиваме импровизации и ад-хок решенија кои директно удираат по здравјето на луѓето. Дополнително загрижува фактот што нема никакви инвестиции во здравството. Нема набавка на нова опрема, нема замена на дотраените и нефункционални апарати. Системот се распаѓа пред очите на јавноста, а власта молчи.“ – изјави Павел Иванов од СДСМ.
Штипската Клиничка болница е единствена клиничка болница во источна Македонија, а покрива регион од над 250.000 жители и е стратешки исклучително важна здравствена установа.
Колку е важна за Фондот за здравство и за Министерството за здравство, ќе покаже времетраењето на процедурата за обезбедување на функционален мамограф за потребите на источната половина од државата.




