На Градскиот стaдион во Штип почна изградба на нова трибина со капацитет за 2.400 гледачи

Денеска на Градскиот стадион во Штип почна изградбата на нова западна трибина откако старата претходно беше урната. Средствата за изградба ги обезбеди Фудбалската федерација на Македенија преку УЕФА. Трибината, како што на денешната свеченост на Градскиот стадион истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, ќе има капацитет за 2.400 гледачи.

– Се чувствувам среќно и гордо што денес во еден од најфудбалските градови во Македонија започнува изградбата на западната трибина. Рокот за нејзина изградба е 18 месеци – рече Сејдини.

Штипската локална самоуправа, пак, веројатно од јуни, како што рече градоначалникот Сашко Николов, треба да ја гради втората од досегашните две трибини – источната, а ако и таа се заврши, Сејдини нагласи дека ФФМ ќе помогне да се изградат и трибини зад головите.

– Изградбата на западната трибина е само најава и ќе биде поттик спортски Штип да добие стадион кој ќе одговара на сите стандарди и на кој ќе може да се играат и меѓународни натпревари – истакна градоначалникот Николов.

Кирил Гогов, првиот човек на фудбалскиот клуб „Брегалница“, упати благодарност до ФФМ и до Општината што почнува изградба на реперезентативен стадион во годината кога “Брегалница“ одбележува сто години постоење.