На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска стартуваше првиот уписен рок за академската 2025/2026 година. Во текот на следните три дена, кандидатите ќе имаат можност да аплицираат на 12 факултети и три академии.

Проректорот на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, информираше дека и годинава најголем интерес при електронското пријавување е забележан за Факултетот за медицински науки. Тој потсети дека сите пријавени кандидати кои веќе креирале профил преку веб-страницата на универзитетот, задолжително треба да ги достават документите во еден од наставните центри низ државата.

„Покрај Штип, документите може да се предадат и во Скопје, Струмица, Кавадарци или Гевгелија. На овој начин, студентите од различни градови нема потреба да патуваат во овие летни горештини“, нагласи Џидров.

Универзитетот нуди 80 различни студиски програми, а за оние кои сè уште не се одлучиле, информациите се достапни на официјалната страница на УГД. Следните уписни рокови се закажани за 4 и 5 септември, како и за 17 и 18 септември, додека наставата ќе започне на 1 октомври.

Џидров истакна и дека дел од најуспешните кандидати ќе бидат ослободени од плаќање партиципација. На Медицинскиот факултет ќе бидат ослободени 20 студенти, на факултетите за информатика, право, економија, бизнис логистика, земјоделие и природно-технички науки по 10, а на машинскиот, електро-техничкиот, техничко-технолошкиот, за образовни науки и на Музичката академија по пет студенти. Академиите за филмска и ликовна уметност ќе ослободат по двајца студенти.

Дополнително, во октомври ќе биде објавен и специјален конкурс за ранливи категории студенти, кој, според Џидров, е организиран по иницијатива на студентите и невладиниот сектор, со цел да се обезбеди поддршка за оние на кои тоа им е најпотребно.