Со вкупен буџет од 2,5 милиони денари, пари обезбедени од општината но и од спонзори и донатори, на 22 и 23 септември ќе се одржи 15то издание на манифестацијата симбол на градот под Исарот.

Звучни имиња и врвни музичари од соседството но и од нашата земја ќе бидат дел од годинешното издание на Штипска пастрмалијада, истакна Миро Кацаров кој и годинава ја доби улогата на водител на манифестацијата.

  • Во петок на 22 септември ќе биде првиот ден на пастрамалијадата а најголема ѕвезда ќе биде Саша Ковачевиќ, добро познат на македонската публика, хитмејкер и еден од најпосакуваните пејачи меѓу женската популација, верувам дека ќе биде исто така посетено како и минатата година, рече Кацаров.

Покрај Ковачевиќ, вечерта на 22 септември ќе ја комплетираат уште и нашите извонредни млади таленти, Лара и Пајак, момците од Ноу Енд како и КУД Тоска,  додаде Кацаров.

Според најавената програма,  ѕвезда на вечерта во сабота ќе биде хрватската поп дива Данијела Мартиновиќ, а покрај нејзе публиката ќе ја има можноста да ужива уште и со музиката на Амадеус бенд, групата Љубојна, како и во настапот на КУД Мирче Ацев.

Организаторите велат дека во тек се преговори за настап и на неколку домашни артисти кои со компилација од македонски евергрини ќе останат да ја забавуваат публиката во подоцните часови.

Градоначалникот на Штип Иван Јорданов ја повика публиката и оваа година да биде дел од едно од најзначајните обележја на градот но и најави дека ова ќе биде последен пат манифестацијата да се одржува со ваков концепт и на оваа локација.

  • Веќе од догодина спремаме едно позитивно изненадување, нов концепт, нова локација која за граѓаните ќе биде позната од догодина кога веќе ќе се организираат сите потребни детали за организирање на новиот концепт на Штипска пастрамалијада, Значајно е дека ја продолжуваме традицијата, истакна Јорданов.

Од организаторскиот тим додаваат дека дополнително ќе бидат познати деталите околу цената по која ќе се продаваат пастрамајлиите на годинешната манифестација, како и условите под кои ќе можат заинтересираните да бидат дел од истата. Состанокот со угостителите е закажан за 4 ти септември а според организаторите не се очекуваат поголеми промени во однос на продажната цена на пастрамајлиите, во однос на минатата година.