Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип бележи сѐ поголем интерес од странски студенти, кои своето високо образование го започнуваат и го завршуваат токму тука. Ректорот проф. д-р Дејан Мираковски информира дека бројот на студенти од различни делови на светот постојано расте, што според него е доказ за атрактивноста и квалитетот на образованието што го нуди оваа високообразовна институција.
„Имаме студенти од разни земји – Индија, Бангладеш, Египет, како и од африканскиот континент. Тоа зборува доволно за интересот, но и за репутацијата на УГД во меѓународни рамки“, истакна Мираковски.
Во последните неколку години, универзитетот значително ги унапреди своите студиски програми, а со приклучувањето кон европската Алијанса на универзитети, дипломите што ги издава добиваат и европска валидација. Ова дополнително го поттикнува интересот на млади луѓе од различни држави да го изберат УГД за нивниот академски развој.
„Покрај студентите од Азија и Африка, имаме и пријавени студенти од Германија, САД и Норвешка“, додаде ректорот.
Првиот уписен рок за нови студенти ќе се одржи од 20 до 22 август. За редовни студенти се на располагање повеќе од 2.100 места. Очекувањата се дека интересот ќе биде голем, особено поради понудените поволности, модерниот пристап кон образованието и можноста за добивање диплома која се признава низ цела Европа.




