Од денеска учениците во основните и средните училишта во Штип ќе учат во значително подобрени услови. Летниот распуст беше искористен за обнова на училиштата, поставување нова опрема и реконструкции на делови од објектите.

Во ООУ „Ванчо Прќе“ беа инсталирани клима-уреди, смарт табли, телевизори и десет компјутери. „Гоце Делчев“ доби озонер за прочистување на воздухот, три клима-уреди, ново озвучување и 3Д принтер, а воедно се освежија и училишните ѕидови. „Димитар Влахов“ се поднови со нов мебел, а наскоро ќе стартува и реконструкција на спортската сала.

Промени има и во средните училишта. Во СОУ „Славчо Стојменски“ заврши комплетна санација на кровната конструкција, а во СОУ „Коле Нехтенин“ се вршат подготовки за трансформација во регионален центар за образование.

Дел од проектите ќе се реализираат во текот на учебната година – меѓу нив, нова фасада на СОУ „Јане Сандански“ за зголемување на енергетската ефикасност, како и целосна реконструкција на спортската сала во ООУ „Димитар Влахов“.