Во последниот циклус на дадени согласност за вработувања во градинките, Струмица е целосно игнорирана од централната власт, забележуваат од општината.
Во градинката “Детска радост“10 вработени се пензионирале и го завршиле својот работен однос, што значи дека работно место е веќе вкалкулирано во Буџетот, но од Владата не дадоа согласност за пополнување на упразнетите места.
Градинката “Виножито“ има поднесено шест барања за вработување и иако се влезени во финансискиот план, нема одговор од централната власт.
Поради недостаток на негувателки во градинките под надлежност на општина Струмица, градоначалникот Костадин Костадинов порача дека децата нема да страдаат поради политиката на владата.
„Бидејќи дечињата згрижени во градинките под надлежност на општина Струмица имаат потреба од негувателки, а Министерството за финансии на Гордана Димитриевска-Кочовска и Министерството за труд и демографски политики на Фатмир Лимани одбија да ни дадат согласност за ангажирање на нови негувателки, ние самите ќе најдеме решение за вработување на потребниот кадар. Општина Струмица и јас нема да дозволиме никогаш дечињата да страдаат поради терање на партиски инает и непринципиелни предизборни агенди. Итен ребаланс на буџет само за тој основ е навистина неопходен – се работи за нашите деца! Очекувам дека за многу брзо време потребните негувателки, воспитувачи и технички персонал ќе почнат да работат со дечињата во нашите градинки”, порача градоначалникот Костадин Костадинов.
Со последниот циклус на одобрени вработувања за градинките, дадени се согласности за 70 нови вработувања во Тетово, 32 за Прилеп, 20 за Битола, 18 за Кавадарци, 16 за Аеродром и 3 во Гевгелија.