Над 5,5 милиони денари општински пари за граѓанските организации од Струмица

Вкупно 26 проекти на граѓанските организации беа селектирани за поддршка со пари од буџетот на Општина Струмица. Се работи за проекти од интерес на граѓаните од областите заштита на животната средина, култура и млади, локалниот економски развој и туризам, социјална и детска заштита, како и од Програмата за еднакви можности меѓу жените и мажите.

Вкупната вредност на овие проекти, како што рече градоначалникот Костадин Костадинов, изнесува 5.577.871 денари.

-Сите доставени проекти од Здруженијата на граѓани и Фондации од општина Струмица за 2023 година во рамките на општинските стратешки определби и политики, а во интерес на граѓаните, ја добија нашата финансиска поддршка. Како што знаете, целата постапка беше јавна и транспарентна, со формирање на Комисија за спроведување на Јавните повици, која го изврши и изборот на проектните иницијативи, а ќе ја следи и реализацијата на проектите, им кажа Костадинов на граѓанските активисти на средбата организирана по соопштувањето на резултатите од повиците.

Како што веќе информиравме, Општина Струмица распиша јавни повици за проекти од интерес на граѓаните во посочените области, а се во рамките на стратешките документи и приоритети за 2023 година на општината, избрани по усвоената  Методологија.

Со тоа, Општина Струмица останува на својата заложба за блиска соработка со граѓанските организации преку финансирање на идеи и проекти, важни за струмичани.