Градоначалникот на Општина Штип и директорката на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева на денешната прес-конференција соопштија дека целосно е саниран делот од кровната конструкција. Застој во наставата нема и сите ученици се во училишните клупи.

  • За кратко време со голема екипа и механизација успеаја да го санираат кровот и училиштето да биде во функција. Исто така сакам да искажам голема благодарност до вработените и учениците кои во петокот го положија испитот на зрелост и постапуваа согласно препораките кои им беа дадени, изјави Шалева.

Фирмата што го има реконструирано кровот на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ во координација со Министерството за образование и наука викендов ги санирала штетите на покривот, кои беа направени под налетот на силниот ветар пред три дена.

Градоначалникот Јорданов информира дека граѓаните кои претпрпеле штети од силното невреме, може да ги пријават во општината и  ќе бидат надоместени.

  • Сите оние штети кои ќе бидат доставени и пријавени до нас, ќе ги проследиме до Советот на Општина Штип и ќе ги надоместиме. Ваквите состојби ни даваат поука, затоа што сите штети кои се настанати , најповеќе се на времени објекти, настрешници кои можеби не се прописно изградени, вели Јорданов.

Силниот ветер минатиот петок предизвика сериозни штети во Штип. Беа откорнати дрвја, уништени настрешници, фасади  и еден  автомобил.