Една година бесплатен градски превоз  ЈП „Стипион“ му додели денес на штипјанецот Дарко Ефремов, кој самоиницијативно го изработи веб-сајтот за општинскиот линиски превоз.

Директорот на Јавното претпријатие, Панче Стефановски вели  дека ова е мал гест на благодарност за помошта за нив и за граѓаните.

  • Дарко Ефремов е момчето коешто на сопствена иницијатива направи интернет сајт за следење на општинскиот линиски превоз, а со кој ни помогна нам, како Јавно претпријатие, а на граѓаните им овозможи полесно да ги добијат информациите за линиите и возниот ред на општинскиот линиски превоз, рече Стефановски.

Од денеска ЈП „Стипион“ започна да ги поставува и информативните табли со легенди за линиите, информации за возниот ред, како и линк и „кју-ар“ код до сајтот кој го креираше Дарко. На сугестии на граѓаните направени се и неколку измени во возниот ред, кои ќе се воведат од утре.

  • Овој возен ред што е објавен сега има ситни измени, коишто ќе стапат на сила од утре, додаде Стефановски.

Стефановски ги покани граѓаните да го проверат новиот возен ред, со мали измени, на информативните табли, како и на фејсбук-страниците на Општина Штип и ЈП „Стипион“.