Комплетна промена на подземната инфраструктура, односно на водоводната и канализационата мрежа, се врши деновиве во рамки на целосната реконструкција на улицата “4 Јули” во населбата “Автокоманда”. Како што нагласи градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, оваа улица е една од последните за реконструкција во оваа штипска населба.
- Останува уште улицата „Цвета Јованова“, којашто во наредниот период исто така ќе биде опфатена согласно Програмата за уредување на градежно земјиште со целосна реконструкција на водовод и канализација, асфалтирање на улицата и третирање на тротоарски површини. Деновиве што ќе следат ќе се работи од страна на ЈП „Исар“ за промена на водовод и канализација, рече Јорданов.
Тој додаде дека теренот е тешко пристапен и како што рече за да се реконструираат улиците мора на нив темелно да се работи, пред се затоа што се трошат народни пари.
- Целта ни е кога ќе се потрошат тие средства и тоа што ќе се изгради, ќе се направи да трае со години. Затоа најпрво влегуваме со промена на подземната инфраструктура, за да немаме по само некоку месеци појави да имаме дефекти на водоводната и канализационата мрежа, додаде Јорданов.
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски истакна дека екипите веќе работат на промена на водоводната и канализациона мрежа во должина од 260 метри.
- Вкупната вредност на инвестицијата изнесува нешто над милион денари, по поставувањето на новиот водовод веднаш ќе почнме и со изградба на нова фекална канализација, рече Арсовски.
Градоначалникот Јорданов додаде дека во наредниот период Штип буквално ќе наликува на едно големо градилиште, бидејќи ќе се работи на темелна реконструкција на улиците, а по барање на граѓаните.