Посовремени услови за продавачите и купувачите ќе овозможи новиот полузатворен дел од градскиот пазар во Штип, рече на денешното негово пуштање во употреба , градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов.
Дополнително се обезбедени и нови 50 паркинг места што според градоначалникот Јорданов, пазарот во Штип го прави уште посовремен и далеку пофункционален.
- Станува збор за проект на Општина Штип кој го препуштаме на ЈП Исар да управува со него. 12 милиони денари е инвестицијата за изградба на полузатворениот пазар со нови 50 паркинг места, како и асфалтирање на улицата која води до овој дел од пазарот, нагласи Јорданов.
Потенцираше дека со отворањето на полузатворениот дел од пазарот се воведуваат и нови 100 тезги кои веќе се поставени и од денес официјално се ставени во функција.
Директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков истакна дека денес е свечен ден за граѓаните на Штип и за комуналното претпријатие, кое стопанисува и со работната единица Градски пазар, бидејќи Штип доби модерен европски пазар.
- Обезбедени се современи услови за пазарење и за граѓаните и за производителите на земјоделски производи и трговците. Ова е капитална инвестиција, а она што го сведочат самите граѓани и пазарџии дека овој начин на пазарување е исклучително добро, бидејќи освен нови тезги има и голем простор по којшто граѓаните слободно можат да се движат, вели Зајков.
Раководителот на Градски пазар, Димче Колев истакна дека со ново изградениот дел Градскиот пазар во моментов има 220 продажни места, со што се задоволуваат потребите на пазарџиите.