Започнува реализацијата на еден од најзначајните проекти на Општина Штип. Како што истакна денес на средба со новинарите градоначалникот Иван Јорданов, распишана е тендерската постапка за избор на најповолниот градежен оператор, кој ќе го доизгради булеварот „Паризанска“ од зградата на Автомото друштвото (АМД) до населбата Баби.

Булеварското решение е во должина од еден километар, а како што вели Јорданов, во него е опфатено и дислокација на целата подземна инсталација, односно поставување на нова главна водоводна и канализациска мрежа на овој дел од булеварот.

  • Ова е најкритичната точка и една од најлошите слики во нашиот град, се надевам дека на пролет ќе биде веќе видливо работењето на машините, на активностите коишто ќе се преземат за изградба на овој булевар, а ќе значи поголема безбедност во сообраќајот, урбанизирање на потегот меѓу населбите Осми Ноември и Баби, нагласи Јорданов.

Вели дека во периодот од почетокот на неговиот мандат до сега се направени повеќекратни обиди за обезбедување на средства за изградба на овој булевар, кој воедно е и регионален пат, едниот обид е преку Јавното претпријатие за државни патишта, а вториот е со издавање на општинската обврзница, но и двата обиди беа неуспешни. Токму поради ова, а во интерес на граѓаните, дополнува  дека реализацијата на овој капитален проект ќе се решава со пари од општинскиот буџет, за што се предвидени околу 2,5 милиони евра.

  • Овој капитален проект предвидува булеварско решавање на возилата , на пешаците, потоа третирање на целата подземна инфраструктура, со изместување на главната водоводна линија, главната фекална линија и атмосферски одвод. Исто така морам да кажам дека граѓаните кои на овој потег и времено се сместени ќе мора да бидат дислоцирани од страна на државните институции, од страна на Центарот за социјални грижи, од државата. Затоа што по трасата по којашто ќе поминува булеварот „Партизанска“ се сместени неколку објекти, коишто мора да бидат срушени, за практично да се изгради булеварот „Партизанска“, нагласи Јорданов.

Како што вели, изградбата на овој булевар за која се надева дека ќе заврши до крајот на оваа година, истовремено ќе обезбеди и урбанизација на овој дел од градот.

Откако општината го распиша тендерот, се очекува постапката да заврши во период од наредните 30тина дена, додека градежните активности се предвидени во текот на пролетта, велат од Општина Штип.