Започнаа градежните активности за поврзување на населбата Долна Железничка со фекална канализација. Градоначалникот Иван Јорданов на денешната средба со новинарите истакна дека неколку домаќинства кои никогаш не биле поврзани со фекална канализација, со овој проект ќе имаат можност да се приклучат и да стават крај на проблемот, кој се провлекува со години наназад.
- Дополнително ќе се поврзат и индустриските погони кои се наоѓаат во населба Долна Железничка, а досега не беа поврзани со фекална канализација, овој проект предвидува и нивно поврзување. Ќе се работи во наредните денови и недели на завршување на овој проект, во финансиски износ од 2,5 милиони денари. Очекувам како што напоменав да се задоволи ова барање на граѓаните кое е основен услов за домување и фукнционирање на индустријата, изјави Јорданов.
Како што нагласи самиот, предвидено е да се изврши замена и на секундарната примарна водоводна мрежа, која може да доведе до прекин на водоснабдувањето. Во оваа прилика, Јорданов замолува за трпение бидејќи ќе се работи на реконструкција стара 50 години.
- Замената на секундарна, примарна водоводна мрежа ќе доведе до прекини на водоснабдувањето, заради реконструкцијата што ќе се прави. Сето ова ќе предизвика проблеми во водоснабдувањето и претпоставувам нервози кај граѓаните. Замолувам за трпение затоа што се работи за реконструкција, која што е по 50 години, вели Јорданов.
Тој најави дека наредните месеци предвидено е во Штип да се реализираат низа проекти, со што градот ќе наликува на градилиште.