Девет студенти од Правниот, Економскиот и Факултетот за образовани науки при УГД Штип ќе се приклучат како волонтери во Општина Штип. Во наредните три месеци, студентите од четврта година ќе имаат можност своето теоретско знаење да го надополнат со практично искуство, што ќе ги подготви за идни вработувања во јавниот или приватниот сектор. Проектот се реализира во соработка помеѓу Општина Штип, УГД Штип и УНДП.
„Во првата фаза од проектот, Општината соработува директно со Правниот, Економскиот и Факултетот за образовани науки, кои обезбедија десет студенти за тримесечна волонтерска пракса. Целта е да се обучи млад кадар кој ќе стекне знаења и вештини потребни за работа во јавниот и приватниот сектор,“ појаснува Шорова-Ангелова.
Во текот на проектот, студентите ќе можат да се запознаат со различни сектори на општинската администрација и да развијат практични вештини. Планот во иднина е проектот да се прошири и да вклучи и студенти од техничките факултети.
„На овој начин, Универзитетот дополнително ја потврдува својата посветеност студентите да добијат повеќе од теоретско знаење, овозможувајќи им практично искуство кое ќе им помогне полесно да се вклучат на пазарот на трудот по завршување на студиите,“ истакнува таа.
Проектот е дел од заедничките иницијативи на Општина Штип и УНДП, со цел во иднина да се понуди и на други општини и универзитети во државата.
„Тримесечната пракса не е скапа за финансирање, затоа што студентите ќе добиваат минимален надомест од 6.000 денари за својот волонтерски ангажман. Работното време е четири часа дневно, три пати неделно,“ додаваат организаторите.
Придобивките за студентите се значајни, бидејќи тие одблиску ќе го видат начинот на функционирање на локалната самоуправа и ќе го надградат своето теоретско знаење со практично искуство.
„Верувам дека оваа пракса е клучна за студентите, особено во завршните години на студиите, бидејќи им овозможува да ја применат теоријата и да видат како функционира Локалната самоуправа во реални услови,“ вели Постолова.
Целта е проектот во иднина да се прошири и да вклучи повеќе факултети и студенти кои ќе имаат можност да бидат дел од него.




