Пеперутки, бубамари, принцези, вештерки, мачиња, зајчиња, роботи, вака денес најмладите продефилираа во Дом на млади-Штип. Во рамките на годинешната „Априлијада“ по повод Денот на шегата учество зедоа учениците од основните училишта во Штип, а се преставија и учесниците од фестивалот за деца „Весело штурче“.
Најдобрите маски добија вредносни ваучери од општината, а ваучери добија и двете детски градинки за самата вклученост во манифестацијата. Вања Џамбазова-Николовска вработена во Општина Штип вели дека годинава домаќин на манифестацијата беа учениците од Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“.
- Наградени беа по три најдобри маски од петте основни училишта во Штип, а со ова се мотивираат младите, учениците, децата да ги исполнуваат своите фантазии, вели Џамбазова-Николовска.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека општината и оваа година стои зад учесниците и ги мотивира за реалзириање на нивните идеи.
- Прекрасно е чувството кога на едно место има многу детски насмевки, забава и маски. Денот на шегата е причина да ја мотивираме детската имагинација и фантазија. Ова е ден на младите, оти се она по кое мечтаат, може да го реализираат и претстават, вели Јорданов.
Најмалите прескреќни, со помош на нивните родители велат ги изработиле маските и денеска дел од нив беа и наградени.
Манифестацијата „Априлијада“ се организира секоја година со цел децата да бидат вклучени и да имаат можност да ја исполнат својата фантазија. Поддршката од општината е со цел во наредните години да бидат вклучени повеќе деца.