За шест месеци, низ чешмите во домовите на жителите во штипската населба Македонка, треба да потече чиста и здрава вода за пиење.
Започна изградбата на водоснабдителниот систем во должина од 1,1 километар.
Во моментов населението од оваа населба, која што брои 570 жители, користи хемиски нетретирана вода од бунарскиот систем.
„Со реализацијата на овој проект жителите ќе добијат квалитетна вода од градскиот водовод. Инвестицијата е во вредност на 7 милиони денари. Средствата се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски, а се очекува целиот процес да биде заокружен во рок од шест месеци,“ информира Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој присуствуваше на означување на почетокот на овој проект.

„Овој проект го опфаќа крак К2 цевковод за водоснабдување на населбата Македонка во должина од 760 метри и 364 метри во самата населба Македонка.,“ информираше штипскиот градоначалник Сашко Николов.
Со овој проект, не е предвидено и третирање на отпадните води, тоа ќе следува по завршување на водоснабдителниот систем, додава Николов.
Општина Штип во изминатиот период од сопствени сретства инвестираше во реализација на проектот Водоснабдување на населените места„Балканска“ и село Чардаклија.
Министерот Бочварски најави дека на планот на подобрување на водоснабдителниот систем, ќе следува проектот за водоснабдителниот систем на дел од Блок 77 и населбата Каваклија.
“Инвестицијата се проценува на 7,4 милиони денари и тоа 6 милиони од буџетот на Министерството за транспорт и врски и 1,4 милиони денари учество на општина Штип. Во постапка е издавање на одобрение за градба од страна на општината по што ќе следува распишување на тендерска постапка за избор на изведувач,“информира Бочварски.