Локацијата која помеѓу жителите на Општина Штип е позната како Стариот градски пазар, а која во последните неколку години нема практична искористеност во целост, во текот на наредните неколку недели ќе се пренамени во паркинг простор, најави градоначалникот на општината Иван Јорданов.
- Со одлуката да направиме модерен, современ градски пазар во населбата Автокоманда и со покривањето на градскиот пазар се отвори простор и можност на локацијата во централното градско подрачје која своевремено се користела како пазар, да се направи паркинг простор. Центарот на градот се гуши и мораме да создадеме повеќе простор и за плановите кои ги имаме за во иднина, односно промената на сообраќајниот режим, нагласи градоначалникот Јорданов.
Тој потенцираше дека паралелно се работи и на локации каде ќе се прават паркинзи на неколку нивоа односно мини катни гаражи, со цел да се зголеми површината за паркирање за повеќе од стотина возила во градот.
- За да можеме да го изрелизираме она што го имаме планирано со соодветна промена на сообраќајниот режим и со затварање на улицата “Ванчо Прќе”, мораме да ги оспособиме локациите кои што се предвидени за паркирање за да им бидат во функција на граѓаните, додава Јорданов.
Како што најави градоначалникот, паркинг просторот кој ќе никне на местото на стариот пазар ќе отвори околу четириесетина нови паркинг места и се очекува во текот на наредните неколку недели да биде пуштен во употреба.