Триесетина домаќинства од населбата Горна Железничка ќе добијат нова водоводна линија што треба да ги реши зачестените дефекти и проблеми на веќе дотрајаната постоечка линија која до сега ги опслужувала жителите на овој дел од градот.
Градоначалникот Иван Јорданов на денешната средба со новинарите нагласи дека во текот на изминатата година веќе е сменет дел од застарената водоводна мрежа во оваа населба.
- Во текот на изминатата година се вршеше замена на дотраената водоводна линија на улицата Петар Поп Арсов, а со оваа изведба дополнително темелно ги решаваме проблемите кои биле наталожени со години наназад, во однос на подземната инфраструктура, рече градоначалникот Јорданов.
Тој истакна дека паралелно со ова се работи и на изведба на главната фекална канализација која треба да ги поврзе населбата Железничка и Индустриската зона, со што околу 150 домаќинства ќе добијат нова подземна инфраструктура.
Инвестицијата која започна денес, се реализира преку ЈП Исар чиј директор Кирил Зајков потенцираше дека истата е во вредност од околу половина милион денари а се очекува да биде завршена најдоцна за две недели.
- Вработените во ЈП Исар веќе извршија ископ на земјиштето во должина од некаде 100 метри од водоводната линија, во текот на наредните денови се продолжува со трасирање на наредните триста метри и во периодот од максимум две недели очекуваме да заврши целокупната реконструкција на водоводната линија, нагласи Зајков.
Во текот на наредниот период веднаш по поставувањето на подземната инфраструктура на новата водоводна линија, градоначалникот Јорданов најави уредување на влезот во населбата Горна Железничка, со тротоарски површини и поплочување на павер елементи.