Општина Штип во пресрет на доаѓањето на пролетта, заедно со ЈП Исар започна повеќекратни активности за одржување на постоечкото зеленило во градот но и засадување нови садници како и инсталирање нови системи за наводнување, информираше на денешната средба со новинарите градоначалникот Иван Јорданов.

Како што истакна, во текот на изминатите неколку недели беше поставен нов подземен систем за наводнување долж коритото на река Отиња, каде денес ќе бидат засадени стотица нови садници, најави и продолжување на еколошките акции на општината воспоставени во текот на изминатите години.

  • Оваа пролет ќе продолжиме со работните акции за време на викендите за расчистување на урбаните заедници, нешто што го практикувавме и во изминатите две години, ги повикувам нашите сограѓани да ни се приклучат, нагласи гардоначалникот.

Во однос на проектот за уредување на коритото на реката Отиња, градоначалникот Јорданов потенцираше дека заврши процесот на поставување канделабри долж коритото со што комплетно е решен проблемот со осветлувањето. Поставени се повеќе од 170 канделабри кои веќе се ставени во употреба.

Во наредниот период како што најави Јорданов целта е да се овозможат премини под мостовите кај гимназијата “Славчо Стојменски” и кај црквата “Св. Никола” со што ќе се добие една целосно пристапна пешачка зона за пешачење и рекреација на граѓаните.

Директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков потврди дека во завршна фаза е засадувањето на садници долж коритото на река Отиња, а досега веќе е поставен подземниот систем за наводнување.

  • Денес привршуваме со засадување на 250 садници долж самото корито, а во исто време работиме и во паркот во населбата 8 Ноември каде се инсталира подземен систем за наводнување, а во текот на наредната недела ќе се засадат повеќе од 60 садници, потенцираше Зајков, дополнувајќи дека како трета фаза на активностите планирано е засадување нови садници и во паркот во населбата Баби.

500 илјади денари од буџетот на ЈП Исар ќе бидат издвоени за поставување на подземниот систем за наводнување, додека 250 илјади денари ЈП Исар ќе издвои за засадување на садниците, информираше Зајков.