По повод еден од најголемите христијански празници, Божиќ, Општина Делчево заедно со компанијата „Зегин“ денеска ја реализираа традиционалната божиќна хуманитарна акција при што беа поделени 30 пакети со храна.
Пакетите беа дистрибуирани во ОО на Здружението на пезнионерите во Делчево и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево, каде одговорните лица ќе ги распределат пакетите до своите верници на кои оваа помош им е непоходна и добредојдена.
Градоначалникот Трајковски посочи дека целта на хуманитарната акција е да се обезбеди побогата празнична трпеза и да се помогне на семејствата достоинствено да ги прослават празниците.
– Бадник и Божиќ се празнувања што ги зближуваат семејствата, празници што носат топлина и радост во секој дом, а наша обврска е на еден ваков ден да помогнеме на семејства кои живеат во социјален ризик достоинствено да го дочекаат Божиќ, највеселиот празник во христијанството со кој се слави раѓањето на Исус Христос. Изразувам благодарност до општествено одговорната компанија „Зегин“ за поддршката за организација и на оваа хуманитарна акција и уште еднаш покажуваме дека сме одговорни пред сите граѓани и се грижиме за секое семејство. Оваа хумана акција е дел од континуираните активности кои ги спроведуваме изминатиот период со цел да помогнеме на оние на кои им е најнеопходна помош и да покажеме дека никој не е заборавен. Нека се за многу години Бадник и Божиќ и нека носат мир, здравје и среќа во секој дом, истакна Трајковски.