Општина Штип ја започна целосната реконструкција на четири улици од централното градско подрачје. Градоначалникот Иван Јорданов рече дека во првите неколку дена ќе се работи на промена на водоводната и канализациската мрежа на улиците, а градежните активности ќе ги води ЈП „Исар“, а потоа ќе се реализира и асфалтирањето преку Општина Штип и економскиот оператор.
- Станува збор за улиците „Иво Лола Рибар“, „Христо Ботев“, „29 Ноември“ и „Охридска“, коишто се тесно грло во централното градско подрачје, но заради честите дефекти на водоводната и канализационата мрежа, одлучивме прво да направиме реконструкција, затоа што секојдневно се случува да има дефекти на водоводната мрежа, запушување на канализациската мрежа. Деновиве коишто следат ќе се искористат за реконструкција на подземните инфраструктури, а потоа да се изасфалтираат површините, вели Јорданов.
Првиот човек на Штип најави дека градежните зафати продолжуваат и во другите делови од градот, секаде каде што има барање од страна на жителите, а кое е согласно со нивните потреби.
- На тој начин да ја подобриме инфраструктурата на овој дел од градот на барање на жителите коишто живеат во околните куќи и домаќинства, но и за сите коишто транзитираат и минуваат на овие улици, додава Јорданов.
Инвестицијата за целосна реконструкција на четирите улици е нешто повеќе од шест милиони денари, коишто до крајот на овој месец ќе бидат вложени до конечниот резултат на овие улици.