По неколкумесечно уредување и опремување, во предвечерието на денот на независноста на Република Македонија, беше пуштен во употреба еден од најсовремените рекреативни паркови во градот.

Во текот на изминатиот период се додаваа нови содржини, се работеше на поставување урбана опрема, се изработија нови спортски терени како и модерна фонтана во новиот дел од паркот Баби, рече градоначалникот Иван Јорданов најавувајќи дека во наредниот период ќе се работи и на изготвување нова и единствена од тој тип, велосипедска патека како дел од рекреативните содржини на паркот.

  • Дополнително пан патеката во рамки на паркот Баби ќе допринесе сите велосипедисти и сите дечиња да добијат нова содржина каде ќе можат да го поминуваат своето слободно време. Ова ќе биде прва ваква патека изградена во нашата општина а се надевам дека и другите поголеми населби во наредниот период ќе добијат ваква содржина, истакна градоначалникот Јорданов.

Тој нагласи дека како една од најголемите населби во Општина Штип, населбата Баби заслужуваше една ваква содржина која беше дел од предизборната кампања и еве во втората година од мандатот на оваа локална самоуправа истата веќе се реализира.

Изразувајќи го задоволството од посетеноста на паркот, Јорданов упати апел до граѓаните да се чуваат сета урбана опрема и сите урбани содржини кои се поставуваат не само во овој туку и во останатите новоизградени паркови во градот.

  • Мораме сите заеднички да се вклучиме во зачувувањето на сето она што се гради, затоа што ова се пари на граѓаните и мораме заеднички да ги чуваме тие пари преточени во ваков вид на инвестиции, заврши Јорданов.

Вкупно 4,5 милиони денари беа потрошени за изградба на паркот Баби, инвестиција од Бирото за рамномерен и регионален развој и Општина Штип.