По три месеци изградба, официјално пуштен е во употреба новиот мост на река Отиња, во центарот на градот, непосредно пред гимназијата “ Славчо Стојменски “.
Според зборовите на градоначалникот Иван Јорданов се очекува ставањето во функција на овој мост да го растерети одвивањето на сообраќајот во најфреквентната зона во градот и да го намали проблемот со сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.
- Го пуштаме во употреба мостот на река Отиња кој значително ќе ја подобри состојбата со сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Двете главни сообраќајници низводно на река Отиња се главен проблем и фокус на кој што работиме во наредниот период за проширување на коловозните ленти но и со изградбата на овој мост за намалување на сообраќајниот метеж и гужви кои што се создаваат во текот на денот, потенцираше градоначалникот.
Во наредниот период ќе започне и изградбата на конзолите на река Отиња на потегот од новиот мост до плоштадот Слобода, за што како што вели градоначалникот Јорданов веќе се обезбедени финансиски средства а е избран и економскиот оператор изведувач.
- Благодарение на пратеникот Никола Мицевски обезбедивме 5 милиони денари а дополнително општината со кофинансирање од 2,5 милиони денари ги обезбеди потребните средства, избран е најповолен економски оператор изведувач кој ќе започне деновиве со градежните активности и очекуваме до крајот на годината да се заврши овој потег, нагласи Јорданов.
Тој истакна дека во наредниот период се планира проширување на коловозите и на потегот од ООУ Ванчо Прќе до Основниот суд Штип, што ќе значи пошироки коловозни ленти на двете главни сообраќајници во центарот на градот, а до крајот на годината планирано е и да се осветли кејот на река Отиња од просториите на ЈП Исар до ректоратот на универзитетот Гоце Делчев во Штипско Ново Село.
Изградбата на новиот мост на река Отиња кој ќе обезбеди двонасочно одвивање на сообраќајот на овој дел од градот ја олесни општинската каса за 5 милиони денари.