Во населбата 8 Ноември од денес започнуваат активностите за имплементација на пилот проектот за менаџирање со отпад, кој за прв пат се реализира во било која од населбите во Општина Штип.

Според зборовите на директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков проектот подразбира воспоставување добра практика и позитивни навики кај граѓаните со тоа што тие самите пред исфрлањето на отпадот од домаќинствата ќе вршат селекција на истиот, на пример на картонот и пластиката, а потоа и ќе ги одлагаат во посебни контејнери.

На овој начин со подигање на свеста на граѓаните, според него ќе се придонесе за создавање што помалку отпад во општината.

  • Во соработка со граѓаните, ние ќе воведеме систем на примарна селекција, што би значело намалување на сметките за подигање на смет од страна на Јавното претпријатие, а од друга страна би значело почиста и подобра средина за сите нас кои живееме во Општина Штип. Ние мораме да работиме заеднички со граѓаните за подигање на свеста кај сите нас. Тоа значи дека ние ќе започнеме активности и кампањско објавување за подигање на свеста во однос на менаџирањето со отпадот, вели Зајков.

Како што нагласува Зајков, ова дополнително ќе значи зачестено собирање на сметот од страна на екипите на Јавното претпријатие Исар, неколку пати во текот на денот, а кај граѓаните треба да предизивка тие сметот да го исфлаат најмногу еден час пред собирањето. Тоа ќе придонесе да нема полни контејнери во текот на целиот ден.

  • Доколку ја воведеме успешно примарната селекција во населбата „8 Ноември“ и потоа како модел со сите предности и маани го спроведеме во целата Општина Штип, тоа ќе значи дека ние како општина ќе генерираме помал волумен на отпад, бидејќи примарната селекција значи дека во комуналниот отпад треба да се издвојат оние фракции што имаат употребна и економска вредност и нема да завршуваат на депонијата, туку ќе се појави интерес од страна на оператори кои овој вид отпад би го собирале. Тоа за граѓаните ќе значи одредена финансиска придобивка за намалување на трошоците, додава Зајков.