Како резултат на неколкугодишната соработка помеѓу ООУ Димитар Влахов од Штип и основното училиште Колезија од Љубљана, Словенија, шест ученици и двајца наставници од словенечкото училиште денес беа во посета на Општина Штип.
Словенечките ученици најпрво беа пречекани од своите врсници во основното училиште Димитар Влахов, а потоа се сретнаа со градоначалникот Иван Јорданов, од каде заминаа во разгледување на градот и посета на најзначајните знаменитости во Штип.
Како што истакна директорката на ООУ Димитар Влахов, Невенка Величкова денешната дружба е плод на една долгогодишна соработка и произлегува од меморандумот кој двете училишта го имаат потпишано уште во 2019 година.
- Оваа дружба се случи како резултат на повеќегодишна соработка преку еден вид на работилници на кои работеа наставниците и учениците, а на сето тоа претходеше меморандум потпишан за соработка помеѓу двете училишта, рече Величкова.
Таа нагласи дека учениците во Штип ги посетија меморијалниот центар Киро Глигоров, двата музеи, во центарот на градот и во Ново Село, тврдината Исар како и археолошкиот локалитет Баргала, а во вечерните часови предвидена е свечена вечера и кратка забава за учениците.
Учениците од Словенија ќе бидат сместени во домовите на свои врсници во Штип, за да можат подобро и одблизу да се запознаат со традицијата и културата на нашата земја но и со начинот на живот во Македонија.
Покрај Штип, словенечките ученици вчера ги посетиле Скопје и Куманово, а до крајот на нивниот престој во Македонија предвидено е да ги посетат и градовите Дојран, Струмица, Битола и Охрид, а како што истакна директорката Величкова, како резултат на остварената соработка, во наредниот период ученици од ООУ Димитар Влахов ќе заминат во посета на Словенија.