Визуелно и сликовито, со акцент на историската, културната, гастрономската, здравствената , спортска и секако најважната туристичката димензија,

Општина Дојран, се претстави на Меѓународниот саем за туризам во Белград.

Оваа година за првпат во склоп на саемот беше организирана “Дојранска вечер” на која беше презентирана туристичката понуда на Општина Дојран, туристичките потенцијали, тргнувајќи од сместувачките капацитети, угостителските објекти, гастрономските специјалитети и сите свои убавини кои ги нуди за одмор и рекреакција.

При тоа примарна цел беа тур – операторите и туристичките организации кои се главна алка за развој на туризмот, не само за време на летната сезона туку во текот на целата година.

„На ,,Дојранската вечер” беа приготвени дојрански специјалитети од вештите раце на нашите Дојранчан кои дадоа огромен придонес за одржувањето на истата. Дојранската вечер ја посетија голем број гости од туристичкиот, културниот и политичкиот живот од регионот, како и новинарски екипи кои сите заедно уживаа во рибните специјалитети од Дојранското езеро. Во Дојран неретко знае да се каже дека рибата не оди без вино и обратно. Поради тоа, неизоставен дел од целото беа и винариите кои овозможија дегустација на вина од различни сорти, за сечиј вкус,“вели градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов.

Самата вечер била крунисана со потпишување на меморандум за соработка/збратимување помеѓу општина Дојран и општина Вишеград од Република Српска, БиХ од страна на градоначалниците на двете општини.

„Развој на туризам не е возможен без размена на искуства и инклузија на повеќе учесници, а со учеството на саемот таа цел несомнено беше остварена,“ додава Ангов.