Започнаа активностите за реализирање на уште еден од ветените проекти во рамки на изборната кампања на градоначалникот Иван Јорданов. Станува збор за изградба на парк за миленичиња кој е заеднички проект на општината со ЛAГ Плачковица, бизнис секторот и здруженијата за заштита на животните, и кој како што вели градоначалникот Јорданов е само една од низата нови содржини планирани по должината на пешачко – велосипедската патека во градот.
- Нова содржина која што се надевам дека сопствениците на кучиња ќе ја користат затоа што ќе има реквизити наменети токму за кучињата, нешто што е новитет и нешто што се надевам кога ќе биде веќе поставено ќе наиде на корист од страна на сопствениците на домашни миленичиња, кои ги шетаат на овој дел од градот, вели Јорданов.
Тој истакна дека реализацијата на проектот ќе чини вкупно 500 илјади денари заеднички сретства на инвеститорите, а истиот се очекува веќе до крајот на месец септември да биде финализиран и пуштен во употреба.
Надлежно за одржувањето на паркот ќе биде јавното претпријатие Исар.