Високите температури, кои се најавени и за следната недела, ја принуди управата на ЈКП „Комуналец“ да го прилагоди своето работење и започна со ноќно собирање на сметот. Овој режим на работа ќе важи две недели.
Оваа промена уследи откако Министерството за труд и социјална работа и Владата соопштија дека и натаму важат препораките за намалување на ризиците од високите температури.
Во исто време, „Комуналец“ за овој период спроведува и ноќно миење на улиците, со цел поголема хигиена и снижување на температурата на уличниот асфалт.
Црвениот крст во координација со Општина Струмица започна со делење на вода на минувачите во градското подрачје.
Претходно Градоначалникот на општина Струмица донесе времена одлука за ослободување од работа на бремените жени и лицата над возраст од 60 години, вработени во општинската администрација на општина Струмица.
Општината ги потсети работодавците на обврската за почитување на законските прописи од областа на заштита на работниците со апел да ги прилагодат своите деловни активности согласно донесените препораки на Влада.