Со 1,5 милиони денари општински пари, штипската населба Пребег доби нов мултинаменски спортско-рекреативен центар. Станува збор за целосно осветлена повеќенаменска површина со повеќе содржини чија основна цел е како што рече градоначалникот Јорданов, да им овозможи на најмладите простор каде ќе можат на најздрав начин да го поминуваат своето слободно време, да спортуваат и да рекреираат.
Како центар низ кој ќе поминува обиколницата за поврзување со индустриската и викенд населба Плуждино, и во наредниот период продолжува процесот на реконструкција на тротоарските површини во населбата Пребег, како и реконструкцијата на улиците во оваа населба, но според зборовите на градоначалникот Јорданов ќе се пристапи и кон решавање на најгорливиот проблем за жителите на оваа населба, водоснабдувањето кое е особено проблематично во летниот период.
- Тоа што го подготвуваме во текот на наредните години како поголем капитален проект, а се однесува на водоснабдувањето, изградбата на линија 2, изградбата на резервоарите кои се лоцирани во населба Пребег, сметаме дека ќе го реши овој долгогодишен проблем, а сите овие цели очекувам да бидат завршени до крајот на овој мандат и со тоа оваа населба која до сега била заборавена конечно да го добие своето значење, истакна Јорданов.
Тој најави и дека вакви спортски содржини во наредниот период ќе добијат уште неколку населби, додека во меѓувреме во населбата Леваци ќе се реконструира веќе постоечкото игралиште, а со соодветни нови содржини ќе се третира и игралиштето во населбата Балканска.